РАБОТИЛНИЦА ЗА ИНТЕРАКЦИЈА НА СЛОБОДНИОТ ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ СО ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ И КЛАСИФИЦИРАНИТЕ ИНФОРМАЦИИ

Во организација на TAIEX – Инструментот на Европската Комисија за техничка поддршка и размена на информаци, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 29 и 30-ти ноември во Скопје се одржа дводневна работилница на тема „Интеракција на слободниот пристап до информациите со личните податоци и класифицираните информации“. Целта на работилницата беше размена на најдобрите искуства и на добрите практики на Комисијата со земјите членки на ЕУ во врска со интеракцијата на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер со законите за заштита на личните податоци и класифицираните информации.

15280940_10209389525869826_1372717898_n
Целите на работилницата беа да и се обезбеди на Република Македонија, како корисник на инструментот TAIEX, најдобри практики од земјите-членки на ЕУ, за подобрување и поефикасно имплементирање на домашното законодавство за правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, а особено во однос на исклучоците од Законот, постапувањето по прекршочните одредби од Законот, транспарентност и проактивно објавување на информациите од јавен карактер од страна на имателите и одговорност од страна на имателите на информации. Како експерти од земјите членки на Европската унија, на работилницата своите искуства ги пренесоа Комесарот за информации од Шкотска, г-ѓа Розмари Агњју, заменикот директор на Советот за транспарентност и добро владеење, г-ѓа Есперанца Замбрано Гомез, вишиот експерт во Комесаријатот за информации на Рајнската област-Пфалц, г-ѓа Мартина Шлогел, директорот на Инспекторатот за заштита на личните податоци од Естонија, г-дин Виљар Пееп и г-дин Матјаж Мрављак, потсекретар во Министерството за внатрешни работи, и Управата за безбедност, одделение за класифицирани информации од Република Словенија.
Домашните искуства за интеракцијата на трите законодавства, ги пренесоа Цвета Трајковска, од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Марјана Планојевиќ, од Дирекцијата за заштита на личните податоци и Сашо Штергиски, од Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации.
Дводневната работилница со свое обраќање ја отвори претседателот на Комисијата,д-р Ѓорги Сламков, кој потенцираше дека „со својата Мисија Комисијата има за цел заштита и остварување на уставно загарантираното право на слободниот пристап кон информациите, преку ефикасно и независно спроведување на жалбената постапка, информирање на јавноста, континуирана едукација на имателите на информации, како и превземање мерки за подобрување на законската рамка, особено во делот за промоција и поттик на транспарентноста, подготвеноста на имателите на информации за сеопфатно информирање, како и за запознавање на што поголем број граѓани со правото кое за нив произлегува од Законот„ Претседателот на Комисијата пред присутните истакна дека „ визијата на Комисијата е да продолжи да биде препознавана од имателите, барателите и целокупната јавност како основна институција надлежна за остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која придонесува за зголемена отчетност и транспарентност во општеството“.
Во продолжение од работниот дел од работилницата, пред големиот број на службени лица кои посредуваат со информациите од јавен карактер, произлезе фактот дека законите за пристап до информации во сите држави се современи, а пренесени беа и искуствата во врска со интеракцијата на законот за слободен пристап и законите за заштита на личните податоци и класифицирани информации. Сите презентери и дискутанти оценија дека е неопходно натамошно осовременување на законите, промоцијата на законодавството и можностите што ги нуди истото, и менувањето на свеста на одговорните лица задолжени за посредувањето со информациите од јавен карактер. Експертите во своите излагања потенцираа дека е потребно со уште позасилено темпо да се делува на натамошно промовирање на културата на отвореност на јавните институции, но уште повеќе и во правец на понатамошно едуцирање на службените лица и граѓаните за нивното уставно загарантирано право на пристап до информации од јавен карактер. Притоа да се користат разни форми за нивна едукација, како што се работилници, медиумски и интернет кампањи.
Темата на работилницата предизвика интересна расправа од која произлезе заклучокот дека отвореноста и транспарентноста се клучни за имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и потребата од повеќе вакви настани на кои ќе се разгледува интеракцијата која произлегува од тековната работа на засегнатите институции.