ОДРЖАНА РЕГИОНАЛНА РАБОТИЛНИЦА НА КОМИСИЈАТА И ДЗЛП ВО ОХРИД

Во рамките на планираните заеднички активности предвидени во Проектот “Поддршка на пристапот до правото на заштита на личните податоци“, што се финансира од ИПА ТАИБ 2012 програмата, на 23 и 24 ноември 2016 година, во хотел Тино Св.Стефан во Охрид се одржа втората регионална работилница на тема ,,Промоција на двете права –Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и правото на заштита на личните подадоци“.
На Работилницата покрај членовите на работните групи од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Дирекцијата за заштита на личните податоци, учествуваа 16 претставници (службени лица за постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер и офицери за заштита на личните податоци) од државни институции и јавни претпријатија, од девет градови од западна Македонија.
Работилницата почна со презентација на господинот Јернеј Ровшек, клучен експерт од правната област на Проектот и поранешен заменик народен правобранител на Република Словенија одговорен за заштитата на личните податоци. Потоа со презентација се претстави г-дин Ендре Сабо, заменик претседател на Унгарската национална дирекција за заштита на личните податоци и слобода на информации. Двајцата претставници со присутните споделија покарактеристични искуства и примери од постапувања по двете законски загарантирани права во нивните земји, по кои се разви дискусија со присутните.
Со свои презентации настапија и претставниците од двете домашни институции – Мануела Станоевска Стоилковска (ДЗЛП), Цветан Станоески (КОМСПИ), Цвета Трајковска (КОМСПИ) и Марјана Планојевиќ (ДЗЛП).
Ова беше втората по ред и последна заедничка работилница предвидена во активност 8.1; организирање на регионални работилници/јавни форуми со цел промоција на двете права: правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и заштита на личните податоци, како основни човекови права.