УЧЕСТВО НА КОМИСИЈАТА НА ЈАВНИОТ НАСТАН „ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ И ЗАШТИТА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ-МОЖНОСТИ И ПРЕДИЗВИЦИ„

На 18 ноември 2016 година тимот на Аналитика организираше јавен настан на тема „Пристап до информации и заштита на личните податоци-можности и предизвици“. Настанот го означи почетокот на проектот „Транспарентни и ефикасни државни регулаторни и надзорни тела„ со кој истражувачите на Аналитика ќе се фокусираат на работата на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер како и на Дирекцијата за заштита на личните податоци како државни и регулаторни тела.

                                       konferencija2-2
Поздравни обраќања имаа заменик амбасадорот на Обединетото кралство во Македонија, Пол Едвардс и истражувачот од Аналитика, Магдалена Лембовска.
Свои излагања имаа претставниците на Комисијата, членот г-ѓа Фалентина Фидановска и од Дирекцијата за заштита на личните податоци, г-дин Валентин Фетаџокоски. Фидановска и Фетаџокоски се осврнаа на реалните состојби во доменот на своето поле на работење, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и заштитата на личните податоци, почнувајќи со приказ на јаките и слабите страни, а потоа дадоа приказ и на потенцијалните можности и идни предизвици за унапредување на пристапот до информациите од јавен карактер и заштитата на личните податоци во системот на Република Македонија, што е всушност и цел на овој Проект. Свои излагања имаа и претставници на граѓанскиот сектор и академската заедница.
Фидановска во своето обраќање пред присутните потенцираше дека „слободниот пристап до информациите е услов за развој на секоја демократија. Со давањето информации сите треба да бидеме свесни дека даваме свој придонес, влог во изградбата на подемократско, антикорупциско и отворено општество кон граѓаните. Во секоја развиена демократија постои нагласена потреба за јакнење на правото на јавноста да знае односно да дојде до бараната информација.
Комисијата како превентивен орган кој се бори против корупцијата во општеството, континуирано работи на подобрување на ефикасноста во работњењето како на централно, така и на локално ниво на институциите, зголемување на транспарентноста и пристапот до информациите, во обезбедување на висок квалитет на услуги за граѓаните и правните институции“.
На крајот од своето обраќање, Фидановска нагласи „… Комисијата продолжува кон јакнењето на позицијата на Комисијата во системот со што ќе придонесе за поуспешна заштита и остварување на уставно загарантираното право на слободен пристап до информациите од јавен карактер“.
Свои презентации имаа експерти од Обединетото Кралство: Џудит Раухофер од Универзитетот во Единбург и Тони Боуден од mySociety, Лондон, кои дадоа приказ на реалната состојба на овие две права, како истите се спроведуваат, нивните предности и недостатоци.