Во кино салата во Клубот на пратеници, денеска се одржа јавна дискусија за можни измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Настанот се одржа во организација на Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија

Воведни напомени на овој собир имаа министерот за правда Билен Саљии, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски. Тројцата воведничари во своите обраќања  истакнаа дека достапноста на информациите од јавен карактер до граѓаните и навременото информирање на јавноста се во духот на транспарентноста и отчетноста во работењето на државните институции,  што претставува еден од клучните принципи на кои се темели работата на Владата. Во богатата размена на мислења во однос на актуелното законско решение, неговата имплементација во пракса и потребата од евентуални измени на Законот   за слободен пристап до информации од јавен карактер, учество зедоа поголем број претставници на невладините здруженија и организации, кои  досега се и најчести баратели на информации по основ на ЗСПИЈК , како и на медиумската заедница.

На јавната дискусија од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер присуствуваа претседателот д-р Ѓорги Сламков, заменикот претседател Блерим Исени, членот на Комисијата Валентина Фидановска, Генералниот секретар на Секретаријатот на Комисијата Цвета Трајковска и раководителот на одделението за соработка со имателите на информации и информирање на јавноста Жорж Поповски. Ставовите и предлозите на Комисијата во однос на потребата од иницирање на законски измени, како и од аспект на досегашната имплементација на ЗСПИЈК, детално ги образложи претседателот д-р Ѓорги Сламков. Посебен акцент тој притоа стави на проблемот со „молкот на администрацијата“, како и на непостоењето на прекршочна одредба за санкционирање на неизвршување на решение на Комисијата.

Неподелено беше мислењето дека се потребни измени и дополнувања на Законот. За таа цел беше договорено сите предлози за негово подобрување до 15 јануари 2018-та година во писмена форма да бидат доставени до Министерството за правда, по што ќе се формира и работна група која ќе работи на предлозите за измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.