Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, г-ѓа Пламенка Бојчева, учествуваше на онлајн дебата на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер во време на Ковид-19“.  Дебатата ја организираше Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во партнерство со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институтот од Лондон во рамките на проектот “Писменост за вести и дигитална писменост- Справување со лажните вести“, поддржан од Европската Унија. Дебатата се одржа преку платформата Zoom, а свои излагања имаа новинарките Христина Беловска и Маја Јовановска, по што  следеше и дискусија во која учествуваа неколку претставници од медиумите.

Обраќајќи се на учесниците, Бојчева, меѓу другото, истакна дека претстојат активности во насока на подоборување и допрецизирање на одредени законски одредби со цел побрза, поедноставна и поефикасна имплементација на Законот, а во функција на натамошна афирмација на уставно загарантираното право на слободен пристап до информации.

На новинарската забелешка дека рокот од 20 дена предвиден во Законот е предолг за претставниците на медиумите, а особено за новинарите кои се занимаваат со дневно новинарство, Бојчева рече дека не е исклучена можноста во расправите за измени и дополнувања на законската регулатива да стане збор и за предложениот скалест рок за одговор на барањата. Бојчева предочи дека медиумите на располагање го имаат и усното барање за кое рокот за одговор е пет дена, но како што укажа, тоа поретко се користи. Исто така, Бојчева напомена дека институциите имаат можност да назначат и повеќе службени лица кои се задолжени за давање на информации од јавен карактер, за да нема оправдувања за непостапувањето по барањата или за користење на пандемијата како изговор за одбегнување на одговорите на доставените барања за пристап до информации.