Во рамките на воспоставената соработка на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со Мисијата на ОБСЕ во Скопје (проектната апликација “Тригодишна соработка и активности за Комисијата“), денеска  во хотел   „Рамада Плаза“ во Гевгелија,  се одржа регионална работилница на тема: “Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – досегашни искуства од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
На работилницата учествуваа новоназначени службени лица за посредување со информации од јавен карактер од, единици на локална самоуправа, од образовни и здравствени институции, како и од јавни претпријатија и установи  од  Велес, Неготино, Богданци, Миравци, Дојран, Гевгелија, и Јосифово.

Пред присутните поздравно обраќање имаше Маја Лазарова, национален програмски офицер при  Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а стручниот дел од работилницата го реализираа Јорданка Стојкова и Катерина Димовска Трајковска, од Секретаријатот на Комисијата. Целта на работилницата беше подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и на обврските кои за нив произлегуваат од него, со посебен осврт на начинот на остварување на правото на пристап до информациите од јавен карактер. Притоа, службените лица беа запознаени со постапката по барања за информациии од јавен карактер, жалбената и прекршочна постапка, како и законската обврска на имателите за подготовка на нивните годишни извештаи.