Во рамките на воспоставената соработка на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со Мисијата на ОБСЕ во Скопје (проектната апликација “Тригодишна соработка и активности за Комисијата“), денеска  во хотел  „Дрим“ во Струга,  се одржа регионална работилница на тема: “Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – досегашни искуства од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. На работилницата учествуваа новоназначени службени лица за посредување со информации од јавен карактер од државни институции, единици на локална самоуправа, од образовни и здравствени институции, како и од јавни претпријатија и установи  од Тетово, Кичево, Гостивар, Охрид и Струга.

Пред присутните поздравно обраќање имаше Маја Лазарова, национален програмски офицер при  Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а стручниот дел од работилницата го реализираа Цвета Трајковска и Инџи Хоџа, од Секретаријатот на Комисијата. Целта на работилницата беше подигнувањето на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и на обврските кои за нив произлегуваат од него, со посебен осврт на начинот на остварување на правото на пристап до информациите од јавен карактер. Притоа, службените лица беа запознаени со постапката по барања за информациии од јавен карактер, жалбената и прекршочна постапка, како и законската обврска на имателите за подготовка на нивните годишни извештаи.