Во организација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, во просториите на Комисијата денеска продолжи планираната серија обуки на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер“. На обуката што ја реализираа Цвета Трајковска и Катерина Димовска-Трајковска, стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата, присуствуваа 12 новоназначени службени лица, како и лица кои досега од различни причини не посетувале обука или пак побарале дополнителна едукација, од министерства, инспекторати, општини, обвинителства, јавни и здравствени установи, градинки, основни училишта, како и од правни и физички лица кои вршат јавни овластувања
Како и на претходните и оваа едукативна средба имаше за цел подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Покрај законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите.
На обуката беа анализирани примери на постапување од праксата, при што одделни службени лица преку проактивно учество, изнесоа свои видувања и ставови за тоа како би постапиле во одредени ситуации.