Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска во хотелот Порта, ја одржа и втората од четирите  предвидени еднодневни обуки на тема: „Имплементација на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер – новини и предизвици“. Едукативната средба ја реализираа Цветан Станоески и Дарко Ал Блана, стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата,  а учесници беа 15 новоназначени и службени лица кои досега не посетувале обука, од министерства, фондови, општини, органи на судска власт, јавни претпријатија, образовни институции и правни и физички лица кои врашат јавни овластувања , а до кои барателите упатуваат најголем број барања по основ на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.  

Пред службените лица кои директно учествуваат во спроведување на Законот, беа презентирани клучните новини во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, усвоен од Собранието на Република Северна Македонија на 16 мај 2019 година. Како и претходната обука реализирана од Комисијата така и оваа имаше поинаков, односно нагласен интерактивен, интеркомуникативен  и динамичен пристап на службените лица со работа во мали групи.  На овој начин, посетителите на обуката имаа поголема можност и повеќе време да дебатираат и поставуваат прашања во врска со новите законски одредби, да ги разјаснат дилемите и да разменат мислења во врска со примената на Законот.