Во рамките на воспоставената соработка на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со Мисијата на ОБСЕ во Скопје (проектната апликација “Тригодишна соработка и активности за Комисијата“), на 28 септември 2017 година, во хотел „Холидеј Инн„ во Скопје, се одржа работилница на тема: “Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – досегашни искуства од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Со работилницата, Комисијата, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го одбележи 28 септември, Меѓународниот ден за универзален пристап до информации, под мотото „Имам право да знам“, кој го симболизира глобалното движење за правото на информирање.

На работилнцата учествуваа 31 службено лице кое не посетувало обука, а директно учествуваат во спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, обврските кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Поздравно обраќање пред присутните имаше претседателот на Комисијата, д-р Ѓорги Сламков, кој ја потенцираше соработката со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, преку потпишаниот Меморандум за соработка, за подигнување на јавната свест за ова уставно загарантирано право. Претседателот д-р Сламков истакна дека Комисијата како надлежна институција за имплементирање на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и во иднина ќе инсистира на целосна имплементација на Законот, особено во однос на надминување на молкот на администрацијата кој во пракса е доста присутен и на спроведување на тестот на штетност, како задолжителна законска обврска при одбивање на пристапот до бараната информација.

Од името на  Мисијата на ОБСЕ во Скопје, успешна работа на учесниците на Работилницата им посака Јоанис Пилиурис, виш офицер за демократско управување, кој потенцираше дека успешната соработка помеѓу Мисијата на ОБСЕ и Комисијата ќе продолжи во насока на промовирање на правото на пристап до информации од јавен карактер, како алатка за добро владеење.

Работниот дел го реализираше Генералниот секретар на Секретаријатот на Комисијата, Цвета Трајковска.