Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Здружението на новинари на Македонија во четврток (15 февруари) 2018 година во 11.00 часот, во просториите на Комисијата ќе потпишат Меморандум за меѓусебна соработка.
Со потпишувањето на Меморандумот за соработка, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Здружението на новинари на Македонија ќе придонесат за поголема отчетност и транспарентност на институциите, со што ќе се овозможи поефикасен пристап на медиумите и граѓаните до информациите од јавен карактер.
Со Меморандумот за соработка, меѓу другото,  ќе бидат реализирани  обуки за новинарите за ефикасно користење на законската можност за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и јавни кампањи кои ќе придонесат институциите да станат потранспарентни како за новинарите, така и за граѓаните како корисници на уставно загарантираното право на слободен пристап до информациите од јавен карактер.