Во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен каркатер, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен каркатер и Здружението на новинари на Македонија. Меморандумот беше потпишан од страна на претседателот на Комисијата, д-р Ѓорги Сламков и претседателот на Здружението, г-дин Насер Селмани.

Претседателот на Комисијата, д-р Сламков, потенцира дека Меморандумот отвора перспектива во развојот на соработката помеѓу двете институции на полето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер, преку учество во организација на обуки за новинари и претставници на јавните институции за зголемување на транспарентноста на институциите во Република Македонија, преку организирање на јавни кампањи со цел да се подигне нивото на транспарентност на институциите, како и за подигнување на свеста кај граѓаните за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Слободата на информации од јавен карактер, потенцираше претседателот Сламков, е пат по кој граѓаните можат да дојдат до информациите од јавен карактер, а Комисијата преку својата мисија работи на заштита и остварување на уставно загарантираното право на слободниот пристап до информациите, преку ефикасно и независно спроведување на жалбената постапка, преку информирање на јавноста, континуирана едукација на имателите на информации, како и преземање мерки за подобрување на законската рамка, а особено во делот за промоција и поттик на транспарентноста како и отвореноста на имателите на информации за сеопфатно информирање на граѓаните.
Во своето обраќање, претседателот на Здружението на новинари на Македонија, г-дин Селмани, најпрвин се заблагодари на членовите на Комисијата за досегашната работа во имплементирањето и промовирањето на Законот за слободен пристап до инфорамции од јавен карактер. Потенцираше дека и како новинар, но и Здружението, многупати го користеле Законот како алатка за да дојдат до бараната информација, но дека тешко доаѓале до неа поради затвореноста на институциите и нивната нетранспарентност.
Една од целите на Меморандумот, како што посочи Селмани, е новинарите и граѓаните да се обратат до Комисијата, како нивни сојузник во имплементирањето на Законот, и со Меморандумот Комисијата и Здружението на новинари, заеднички да се обидат да ја зголемат свеста кај одговорните лица да бидат поотчетни и транспарентни за својата работа, бидејќи граѓаните имаат право да знаат за ова право.Потпишувањето на Меморандумот го проследија и повеќе новинарски куќи кои до претседателите на Комисијата и Здружението поставија прашања од сферата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.