Меѓународниот експерт на полето на пристапот до информации, транспарентност на Управата, заштита на личните податоци и класифицираните информации и еминентен бугарски адвокат, Александар Кашумов, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден за пристап до информации,  упати поздравно обраќање до директорката и заменикот директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева и Блерим Исени, како и до сите вработени во Агенцијата.

Во писмото доставено по електронски пат се вели:

„Задоволство ми е да Ви  честитам по повод 28 Септември, „Денот на правото да се знае“! Поминаа 18 години откако голем број ентузијасти од граѓанското општество од целиот свет се собраа на првата владина Меѓународна  Конференција  за слободен пристап до информации. Во тоа време не можевме ни да замислиме дека покренуваме настан што ќе се слави насекаде во светот, а денес е признат од УНЕСКО и ООН како Меѓународен ден за универзален пристап до информации. Неверојатно е дека бројот на национални закони за слободен пристап до информации е зголемен 5 пати во последните две децении.

Република Северна Македонија стави силен акцент на слободниот пристап до информации. Со новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер усвоен во 2019 година и неодамна формираната Агенција за вршење надзор над неговата имплементација, Република Северна Македонија демонстрираше силна посветеност на партиципативната демократија и владината транспарентност и отчетност.

И покрај исклучителните околности денес, Агенцијата останува фокусирана на својата ефикасна работа. Практичното спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е предизвик, но со постојани напори, тоа ќе се подобри. Тимот на Агенцијата е мотивиран и способен да ја направи промената.

Мене ми е чест и  сум многу среќен што работиме заедно со Вас за да ги зајакнеме капацитетите и да го направиме Законот жив и корисен инструмент. Правото на информации е камен-темелник за остварување на сите основни права, а како што  укажа Генералното собрание на ООН, и неопходен елемент за одржување на дијалогот во демократско општество. Балканот е родно место на Меѓународниот ден  на „Правото да се знае“ уште во 2002 година, што е дополнителна инспирација дека сите заедно можеме да оствариме напредок во просветлувањето, односно поттикнувањето на граѓаните да го користат своето уставно право, а со тоа  да ја зголемат одговорноста на јавните институции.

Би сакал да бидам со Вас, но поради КОВИД-19 мерките во Бугарија, тоа во моментот не е можно. Но, се надевам дека ќе ја продолжиме нашата работа многу скоро.

Среќен Меѓународен ден за пристап до информации, 28 септември, драги пријатели! “,  се вели во писмото од господинот  Александар Кашумов.