Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер завршила речиси 800 предмети заостанати од 2018 и 2019 година и постапувањето по жалбите на барателите на информации тече редовно во рамки на утврдените законски рокови, вели директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева во интервју за „Мета.мк“.

Во 2020 година во Агенцијата се пристигнати вкупно 209 жалби по прв пат, постапено е по 193, а останатите се во тек.

Бојчева, во интервјуто зборува и за предизвиците во работењето, казните за непостапување по барањето на информации, отвореноста на институциите, како и улогата на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во едукацијата на службениците кои треба да даваат информации.

Кои се главните предизвици во работењето со кои се соочувате во моментов како Агенција за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер? 

– Главен предизвик во работењето на Агенцијата е подигнување на нејзиниот авторитет и кредибилитет на едно повисоко ниво, преку промовирање во респектибилна и препознатлива институција, чија главна цел и задача е обезбедување на едно од основните човекови права, загарантирано со Уставот на Република Севeрна Македонија, а тоа е слободниот пристап до информации од јавен карактер. Во таа насока потребно е итно доекипирање на Агенцијата, пред сè, со стручен и раководен кадар. Веќе почнавме со реализација на конкретни мерки. Имено, во тек е подготовка на Функционална анализа и Правилници за внатрешна организација и систематизација на Агенцијата. Подготовката на овие документи, како и тековните активности за изработка на софтвер за електронско евидентирање и водење на примени жалби и барања за слободен пристап, нова веб-страница на Агенцијата, потоа Стратешки план на Агенцијата, како и подготовка на прирачник за постапување на службените лица кај имателите на информации, се дел од активностите во рамките на ИПА 2 проектот чиј корисник, меѓу другите е и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Од аспект на законските надлежности на Агенцијата, предизвик е работењето на Прекршочната комисија која за прв пат е воведена со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2019 година. Прекршочната комисија е формирана и започна со работа. Агенцијата ја очекуваат и многу други задачи. Една од нив е ажурирањето на Листата на иматели на информации, која секојдневно се дополнува со нови субјекти, па така од вкупно 1.257 иматели на крајот од 2019 година, нивната бројка е драстично зголемена и во моментот изнесува 1.348. Постапувањето по жалбите на барателите на информации, по завршувањето на речиси 800 предмети заостанати од 2018 и 2019 година, тече редовно, во рамки на утврдените законски рокови. Агенцијата требаше да почне со обуки на службените лица кај имателите на информации, но со оглед на состојбите со ковид-19 вирусот за жал сите планирани активности на овој план се одложени. И секако, предизвик ќе биде изготвување на водич/практикум за спроведување на тест на штетност. За појаснување, тестот на штетност треба да се спроведува со цел да се утврди дали давањето на дадена информација повеќе би наштетило на законски-заштитениот интерес или пак би била корисна од аспект на јавниот интерес.

На кој начин Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер ги санкционира имателите на информации кои не соработуваат со барателите во обезбедување на побараните податоци? Отпочна ли со работа Прекршочната комисија и какви казни изрекува таа? 

– Како што веќе споменав во одговорот на првото прашање, со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2019 година се воведени прекршочни санкции. Глобата е во износ од 500 евра во денарска противвредност. Глоба за службеното лице кај имателите на информации во износ од 250 евра е предвидена за прекршоци утврдени во членот 39 од Законот. Инаку, Прекршочната комисија започна со работа и веќе изготви Правилник за постапување на оваа комисија и почна со постапка по првите предмети.

Во вашиот извештај за првиот квартал известувате дека се доставени 109 жалби од кои десетина биле доставени од новинари, а останатите се од граѓански организации и поединци. Колку од овие жалби се решени и во чија полза?

– Во моментов во 2020 година во Агенцијата се пристигнати вкупно 209 жалби по прв пат, постапено е по 193, а останатите се во тек. Од постапените, 104 се во корист на барателите, 36 се запрени по барање на барателот поради тоа што во текот на постапката по жалба добиен е одговор на барањето, 28 се третирани како ненавремени жалби и останатите се одбиени.

Во Годишниот извештај за работењето на вашата агенција за 2019 година стои дека лани пораснал бројот на неодговорени, одбиени и пренесени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на институциите. Кои се главните причини за ваквиот негативен тренд во минатата година?

– Податоците содржани во Годишниот извештај за 2019 година се добиени од анализата на годишните извештаи доставени од имателите на информации. Тогашната Комисија, сега Агенција за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како второстепен орган постапува само по добиени жалби од страна на барателите.

Во ланскиот Годишен извештај стои дека над 16 отсто од имателите на информации од јавен карактер не доставиле годишни извештаи, па оттука и не се знае дали и колку од овие институции одговориле на барањата за слободен пристап до информации. Постои ли можност јавно да се објавуваат овие субјекти и какви се казните за оние што не ја почитуваат ваквата законска должност?

– Одговорот на ова прашање е содржано во прекршочната одредба за службеното лице кое нема да подготви годишен извештај за спроведување на овој закон и нема да го достави до Агенцијата.

Дел од новинарите и невладините организации се жалат дека имателите на информации на значајни прашања од јавен интерес не одговараат или често пати само формално одговараат на барањето преку доставување на парцијални одговори. Каква е тука улогата на Агенцијата во обезбедувањето на побараниот пристап до информации од јавен карактер во вакви случаи?

– Улогата на Агенцијата како второстепен орган за постапување по жалби е да донесе решение со кое мериторно ќе одлучи и ќе го задолжи имателот да му ги достави на барателот бараните информации. Во случај на непостапување по решението на Агенцијата, може да биде покрената прекршочна постапка по предлог на барателот или по службена должност.

Истражувачките новинари велат дека на имателите на информации во неколку случаи им одговорало повеќе да платат парична казна отколку да ги обезбедат побараните информации од јавен карактер за нив, особено кога се работи за прашања во однос на тендерски постапки или корупциски афери. Сметате ли дека актуелното законско решение нуди адекватни казнени решенија за оние иматели на информации кои се обидуваат да го изиграат законот?

– Актуелното законско решение освен прекршочните не нуди други казнени решенија. Но, да не ја заборавиме и можноста барателите во законски предвидените рокови да покренат управен спор пред надлежниот суд поради непостапување на имателите по донесеното решение од страна на Агенцијата.

Дали чувствувате некаква промена во пристапот кон доставувањето на информации од јавен карактер од страна на државните институции и општинските власти во екот на корона кризата?

– Да, со основањето на Агенцијата и фактот дека второстепениот орган веќе функционира (што не било случај со втората половина на 2018 и 2019 година), како и имајќи ги во предвид прекршочните одредби содржани во Законот, мислам дека односот на имателите на информации кон примените барања се менува. Корона кризата можеби влијае на ненавремено постапување по добиените барања, што се должи најмногу на фактот дека дел од вработените се ослободени од извршувањето на своите работни задачи и/или истите ги извршуваат од дома. Поради тоа, имаме донесени 36 решенија за запирање на постапката бидејќи во меѓувреме барателот не известил дека добил одговор на барањето со задоцнување, односно по поднесувањето на жалбата и истата ја повлекува.

Дали планирате некакви активности кон институциите иматели на информации од јавен карактер во насока на нивна сензибилизација, а во функција на нивна поголема отвореност кон барателите и поголема отчетност во наредниот период?

– Секако, како што веќе кажав, во периодот кој следува, а непосредно по првите знаци на надминување на кризата со вирусот интензивно ќе се работи на системско, континуирано едуцирање на службените лица кај имателите за начинот на постапување по барањата за слободен пристап. Имено, беа планирани редовни обуки во просториите на Агенцијата еднаш до два пати во неделата, во зависност од интересот, беа договорени и обуки со ЗЕЛС за службените лица во локалната самоуправа, но ќе повторам ситуацијата со вирусот ги одложи истите. Во таа насока во меѓувреме, во тек е реализација на идеата за подготовка на две видео презентации, едното наменето за баратели, а друго за службените лица кај имателите на информации. Планирано е организација на ТАИЕКС работилница на тема: пристап до информации од јавен карактер, како алатка за истражувачко новинарство и медиуми, која би се одржала во месец октомври/ноември 2020 година. Во насока на како што велите „сензибилизација“ и поголема отвореност на имателите на информации кон барателите, Агенцијата во месец март 2020 година изготви и на почетокот на месец март 2020 година објави Упатство за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На крајот би сакала да нагласам дека Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер прераснува во транспарентна институција, отворена кон медиумите, НВО, барателите и имателите на информации, воопшто кон пошироката јавност.