Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, имајќи ја во предвид состојбата со пандемијата на COVID-19, се прилагодува на новите услови за работа и од денеска наместо со обуки со физичко присуство продолжува со онлајн обуки за службени лица кај имателите на информации од јавен карактер.
Од поканетите 17 службени лица, учеството го најавија и учествуваа пет службени лица од Оперативно-техничката агенција, Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД, Градски трговски центар АД, Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија и од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија. Обуката ја реализираше тим на обучувачи од Агенцијата, а службените лица покажаа интерес и интерактивност во врска со имплементацијата на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Согласно Програмата за обуки на службени лица за посредување со информации од јавен карактер, заинтересираните службени лица кај имателите ќе можат своето присуство на следните обуки да го пријават на специјализираниот мејл за оваа намена: obuki@aspi.mk