Во Хотелот „Меркур“ во Тетово, денеска Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја реализираше третата од четирите планирани еднодневни обуки на тема: „Имплементација на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер – новини и предизвици“.  Станува збор за регионална обука организирана за едукација на службени лица задолжени за посредување со информациите од јавен карактер од  повеќе институции и установи на територијата на општините Тетово, Гостивар, Теарце, Боговиње, Брвеница, Јегуновце и Маврово и Ростуша. Обуката ја реализираа Инџи Хоџа и Катерина Димовска –Трајковска, стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата, во присуство на 17 новоназначени и други службени лица од споменатите единци на локалната самоуправа, потоа од здравствени установи, органи на судската власт, меѓуопштински центри за социјална работа како и високообразовни установи.

Посетителите (службените лица) кои директно учествуваат во спроведување на Законот, беа запознаени  со клучните новини во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, усвоен од Собранието на Република Северна Македонија на 16 мај 2019 година. Како и претходната обука реализирана од Комисијата така и оваа имаше поинаков, односно нагласен интерактивен, интеркомуникативен  и динамичен пристап на службените лица со работа во мали групи.  На овој начин, посетителите на обуката имаа поголема можност и повеќе време да дебатираат и поставуваат прашања во врска со новите законски одредби, да ги разјаснат дилемите и да разменат мислења во врска со примената на Законот.