Денес на 28 септември се одбележува Меѓународниот ден на слободниот пристап до информации. По тој повод, под мотото „Вие имате право да знаете“, Aгенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, информираше за значењето на навремената достапност на информации и активностите кои ги презема Агенцијата во насока на обезбедување на поголема транспарентност на институциите и поголема информираност на граѓаните.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер започна со работа кон крајот на 2019 година како наследник на истоимената Комисија. За речиси една година бројот на иматели на информации од јавен карактер е зголемен за 146 нови иматели, и Агенцијата денес на Листата на иматели има евидентирано 1403 иматели на информации од јавен карактер. Една од клучните активности на Агенцијата е продолжување со обуки и консултации со лицата одговорни за доставување информации од јавен карактер, а со тоа и на зголемување на транспарентноста на самите институции.

„Транспарентноста и отчетноста на институциите и правото на граѓаните за пристап до информации од јавен карактер се основа на демократските процеси во општеството и една од основните европски вредности. Тоа се вредности и права за кои се залага и нашето општество. Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер има клучна улога за заштита и остварување на уставно загарантираното право на слободниот пристап кон информациите на граѓаните, како и за промоција и поттик на транспарентноста и отвореноста на имателите на информации за сеопфатно информирање на граѓаните.“ – изјави Пламенка Бојчева, Директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Со законот од 2019 година, прецизирани се одредбите за извршување на прекршочни санкции кон имателите на информации кои не постапиле по барање за пристап до истите, што претставува значајна алатка за подобрување на резултатите на Агенцијата.

„Со тоа, конечно имаме алатка преку која, како агенција можеме да влијаеме за поголема транспарентност и да ја оправдаме довербата на барателите. Во првите два месеци од оваа 2020 година, Агенцијата постапи по повеќе од 750 заостанати предмети од периодот на Комисијата, а воедно тековно постапува, во законските рокови, по новопримените жалби кои до денес се повеќе од 600“– истакна Блерим Исени, Заменик директор на Агенцијата.

Агенцијата информира дека заради побрз и поквалитетен проток информации, во финална фаза на изработка е новата веб страница aspi.mk, каде сите заинтересирани стани ќе може да ги добијат потребните информации, насоки и контакти, како и е-портали за иматели и баратели на информации од јавен карактер кои овозможуваат електронско поднесување на барање. Веб страницата и е-порталите се изработуваат во рамки на проектна активност на ИПА 2 проектот финансиран од ЕУ – „Промоција на транспарентост и отчетност на јавната администрација на Република Северна Македонија“ (ProTracco). Преку овој проект се планирани повеќе активности во насока на зајакнување на капацитетите на агенцијата преку реорганизација, изработка на правилници и стратешки документи, како иимплементацијана модернизирани ИТ-алатки за обезбедување подобрени услуги за барателите и имателите на информации од јавен карактер, подигнување на јавната свест за правото на слободен пристап до информациите, зголемување на одговорноста и транспарентноста на државните органи, како и зајакнување на капацитетите на имателите на информации за исполнување на законските обврски и ЕУ стандардите во оваа област.

За промоција на важноста на слободниот пристап до информации од јавен карактер изработени се и две видеа за сите потенцијални баратели на информации иза имателите на информации. Видео-спотовите за Агенцијата ги изработи НДИ Македонија во соработка со ВИДИ ВАКА со финансиска поддршка од УСАИД.

„Би сакала да ги поттикнам граѓаните, граѓанските организации, медиумите да го користат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – со тоа ја поттикнуваат транспарентноста на имателите на информации. Се разбира, законска обврска е на имателите на информации од јавен карактер да обезбедат транспарентност и пристап до информациите. А Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е на располагање во секое време да ги поддржи овие процеси и да придонесе во јакнење на отворено и отчетно општество со информирани граѓани.“ – истакна Бојчева.

Заедно со започнатите проекти за развој, Агенцијата информираше дека во наредниот период ќе го зајакне и зголеми својот тим, а воедно ќе се продолжи и зајакне соработката со невладиниот сектор и други заинтересирани страни.

Дополнителни информации за Aгенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се достапни на www.aspi.mk.