Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, денеска ја одржа првата во серијата предвидени еднодневни обуки на тема: „Примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ (Службен весник на РСМ бр.101/2019), а чија имплементација започна на почетокот на 2020 година. Со обуката реализирана во специфични услови со доследно почитување на мерките за спречување на внесување и ширење на коронавирус covid-19 и соодветните протоколи, беа опфатени четири од шест поканети службени лица за посредување со информации од исто толку институции кои годинава за прват беа евидентирани во Листата на иматели на информации од јавен карактер.  Главна цел на обуката реализирана од стручниот предавач во Агенцијата Цветан Станоески, е оспособување и едуцирање на службените лица-правилно и навремено да одговараат по барања за слободен пристап до информации, согласно Законот од 2019 година.

Споредено со досегашните обуки, оваа едукативна средба имаше поинаков концепциски, но воедно и нагласен интерактивен и интеркомуникативен пристап, а службените лица, имаа поголема можност и повеќе време да дебатираат и поставуваат прашања во врска со новите законски одредби, да ги разјаснат дилемите и да разменат мислења во врска со примената на Законот.
Според зацртаната динамика, а во  согласност со усвоената Програма на Агенцијата за обуки на лицата задолжени за посредување на информациите од јавен карактер, до крајот на декември 2020 година, е предвидено одржување на вкупно 12 обуки (по една седмично) на кои ќе бидат поканети 96 службени лица.

Агенцијата планира да спроведе и 8 on line обуки, на кои преку zoom палтформата ќе бидат поканети 140 службени лица кај нови иматели, новоназначени службени лица кај веќе постоечки иматели, како и службени лица кои, без оглед што претходно посетувале обука, потешко се справувале со постапувањето по барања  за пристап до информации од јавен карактер, поради што почувствувале потреба за доедукација.