Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска ја одржа првата во циклусот од четири предвидени еднодневни обуки на тема: „Имплементација на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер – новини и предизвици“. На оваа едукативна средба што ја реализираа Катерина Димовска -Трајковска и Инџи Хоџа, стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата, присуствуваа триесетина  новоназначени и службени лица кои досега не посетувале обука, од министерства, агенции, бироа, инспекторати, општини и органи на судска власт, до кои барателите упатуваат најголем број барања по основ на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Пред службените лица кои директно учествуваат во спроведување на Законот, беа презентирани клучните новини во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, усвоен од Собранието на Република Северна Македонија на 16 мај 2019 година. За разлика од досегашните обуки, оваа едукативна средба имаше поинаков, односно нагласен интерактивен и интеркомуникативен  пристап, а службените лица, имаа поголема можност и повеќе време да дебатираат и поставуваат прашања во врска со новите законски одредби, да ги разјаснат дилемите и да разменат мислења во врска со примената на Законот.