Во организација на TAIEX – Инструментот на Европската Комисија за техничка поддршка и размена на информации, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 08 и 09-ти јуни во хотелот „Арка“во Скопје се одржа дводневна Работилница за подигање на свеста за правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Целта на работилницата беше обезбедување за земјата корисник на најдобри практики од земјите членки на Европската унија, за подигнување на јавната свест и ефикасно информирање на граѓаните за нивното право на слободен пристап до информации од јавен интерес, а во насока на ефикасна примена на ЗСПИЈК и зголемување на отчетноста и транспарентноста на јавните институции.

Дводневната работилница со свое обраќање ја отвори претседателот на Комисијата,д-р Ѓорги Сламков, кој откако се осврна на активностите на Комисијата и имплементацијата на Законот, оцени дека работилницата е одлична можност за Комисијата преку меѓународниот пристап да се насочи кон модалитетите за подигнување на јавната свест, како предуслов за развивање на транспарентноста и отчетноста на јавните институции.
На работилницата со свои презентациии земаа учество, г-ѓа Есперанза Замбрано, заменик директор на Советот за транспарентност и добро владеење на Шпанија; г-ѓа Мартина Шлогел, Виш експерт за слобода на информации – Комесар за заштита на податоци и слобода на информациите-Германија, и г-ѓа Карол Еварт, независен експерт, претседавач на кампањата за слобода на информации во Шкотска.
Досегашните искуства во имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од аспект на темата на дводневната работилница, ги пренесоа Цветан Станоески и Јорданка Стојкова, вработени во Секретаријатот на Комисијата.
На работилницата на која учествуваа и службени лица од повеќе министерства и други државни институции беше констатирано дека законската регулатива на трите земји членки на ЕУ, но и на Република Македонија е современа и добро усогласена со европските стандарди.
Експертите и дискутантите беа единствени во оценката дека е потребно уште посеопфатно информирање и запознавање на што поголем број граѓани со правото кое за нив произлегува од Законот, како и подигнување и менување на јавната свест на одговорните и службените лица задолжени за посредувањето со информациите од јавен карактер, што ќе резултира со поголема отчетност и транспарентност на институциите во општеството. Согласно европските практики, беше препорачано Комисијата да ги зајакнува своите релации и сојузништва со новинарите, невладините здруженија и со останатите чинители кои работат на промоција на СПИЈК, за реализација на работилници, обуки, медиумски и интернет кампањи, издавање на брошури за едукација на граѓаните, како и спроведување на анкети за истражување на јавното мислење.

Паралелно со овие активности, Комисијата да промовира и проактивен пристап во остварување на повисока транспарентност кај јавните институции, со заложба надлежните органи не само да одговорат на барањата туку и да „објават“ информации, а што ќе овозможи навремен и еднаков пристап до информациите за сите граѓани во општеството, но и ќе ја намали потребата за поднесување до институциите на голем број барања согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.