Заменик претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, г-дин Блерим Исени, учествуваше на настан во организација на СИГМА, со наслов „Предизвиците во реформата во јавната администрација“.
На настанот, пред присутните се обратија и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерот за финансии, Драган Тевдовски, како и претставникот од директоратот за соседска политика и преговори за проширување при Европската Комисија, Давид Кулен.
Во панел дискусијата на тема: Фокус на капацитетот на администрацијата, во делот: Одговорност-пристап до информациите од јавен карактер, како панелист свое обраќање имаше и заменик претседателот на Комисијата, Блерим Исени. На панелот свои излагања имаа и Биљана Жагар од Министерството за информатичко општество и администрација, Маја Маљановска од Министерството за правда и Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Отворено општество-Македонија. На почетокот, претставникот на СИГМА, Примож Вехар, ги презентираше заклучоците и препораките од мониторинг извештајот на СИГМА за периодот 2015-2017 година, во делот за пристапот до информациите од јавен карактер.
Заменик претседателот, Исени, пред присутните потенцираше дека Комисијата ги поздравува предлог-измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со што ќе се подобри функционирањето не само на Комисијата, туку и на Законот во целина. Исто така, Комисијата е на исто мислење со Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор, дека е потребно зајакнување на законското решение во делот на прекршочната постапка, што е и една од главните препораки на извештајот на СИГМА. Заменик претседателот, со споредбени податоци ја прикажа работата на Комисијата во делот на поднесените жалби, за 2016 и 2017 година, како и за тоа кој бил фокусот на интерес на барателите на информации од јавен карактер, односно до кои иматели биле поднесени најголемиот број на жалби. Во делот на исклучоците од законот, односно на бројот Решенија на Комисијата со кои жалбата на барателот на информација е одбиена и е потврдено Решението на првостепениот орган затоа што бараната информација претставува исклучок од слободниот пристап, во однос на вкупниот број на поднесени жалби (758) изнесува 29 и Исени истакна дека тоа не е голем број на одбиени барања за пристап до информации од јавен карактер. На крајот од своето излагање, заменик претседателот на Комисијата како најголем проблем, го истакна „молкот на администрацијата“ што е потенцирано и во извештајот на СИГМА, и дека имателите на информации преку проактивно објавување на информациите кои ги поседуваат на своите веб локации, ќе се надмине овој проблем на барателите при поднесување на барање за пристап до информации, а со тоа ќе се намалат и жалбите поднесени до Комисијата.