Во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 18 и 19 април, со поддршка на инструментот TAIEX на Европската Комисија, се одржа Експертска мисија “Санкции за имателите на информации од јавен карактер со експерти од ЕУ”,односно Анамарија Муса, Повереник за информирање на Хрватска и Мирнел Чомиќ, правен советник во одделот за правни прашања при Министерството за надворешни работи на Холандија. Целта на експертската мисија беше размена на најдобрите искуства и на добрите практики на Комисијата со споменатите две европски земји во однос на спроведувањето на заштитата на правото за слободниот пристап до јавните документи, со посебен акцент на најсоодветните санкции (вклучувајќи парични казни и прекршочни мерки) и соодветна постапка во случај на неизвршување од страна на јавните органи на нивната законска обврска.
Настанот го отвори заменикот претседател на Комисијата Блерим Исени, кој изрази надеж дека низ проактивен пристап на сите учесници на дводневната експертска мисија, ќе се обезбедат драгоцени искуства кои ќе придонесат за подобрено функционирање не само на Комисијата и на Законот во целина, што само по себе ќе резултира и со зголемување на отчетноста и транспарентноста на институциите.


Покрај излагањата на гостите од Хрватска и Холандија, искуства за (не)спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Република Македонија, изнесе Цвета Трајковска, генерален секретар на Секретаријатот на Комисијата. Притоа посебно стана збор за молкот на администрацијата и спроведувањето на тестот на јавниот интерес, односно тестот на штетност како најголеми предизвици при имплементацијата на законите, за сличностите и разликите во начините и условите на изрекување на паричните казни, висината на пропишаните глоби, за бројот и видот на изречените санкции, злоупотребата, ефектите од вршењето на самостоен инсапекциски надзор, како и за суштината на инцираните законски измени кои се во постапка на донесување.
Од дводневната размена на мислења и од расправата во која учествуваа и членот на Комисијата Валентина Фидановска, односно вработените во Секретаријатот, произлезе оценката дека во иднина уште поголемо внимание треба да биде посветено на промовирање на културата на отвореност на јавните институции и проактивното објавување на информации од јавен карактер, што ќе обезбеди поголема информираност на граѓаните односно барателите, но и ќе придонесе за намалување на бројот на поднесени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно на жалби како последица на нивното недавање.