Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска ја реализираше последната во циклусот од четири предвидени еднодневни обуки на тема: „Имплементација на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер – новини и предизвици“.  Едукативната средба се одржа во хотелот „Гарденија“ во Велес и имаше регионален карактер, со учество на службени лица задолжени за посредување со информациите од јавен карактер од  повеќе институции и установи на територијата на општините Велес, Свети Николе, Кавадарци, Лозово и Росоман. Обуката ја реализираше стручниот предавач од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески во присуство на 18 новоназначени и други службени лица од споменатите единци на локалната самоуправа, потоа од здравствени установи, органи на судската власт, меѓуопштински центри за социјална работа, јавни претпријатија и образовни институции.

Посетителите (службените лица) кои директно учествуваат во спроведување на Законот, беа запознаени  со клучните новини во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, усвоен од Собранието на Република Северна Македонија на 16 мај 2019 година. Како и претходната обука реализирана од Комисијата така и оваа имаше поинаков, односно нагласен интерактивен, интеркомуникативен  и динамичен пристап на службените лица со работа во мали групи.  На овој начин, посетителите на обуката имаа поголема можност и повеќе време да дебатираат и поставуваат прашања во врска со новите законски одредби, да ги разјаснат дилемите и да разменат мислења во врска со примената на Законот.