Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања Бујар Османи, во придружба на соработници од Кабинетот на премиерот и од Секретаријатот за европски прашања, денеска оствари работна посета на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Владината делегација на работната средба беше запознаена со работата на Комисијата, нејзините надлежности, како и со предизвиците за понатамошна афирмација на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во разговорите посебен акцент беше ставен и на реформите поврзани со процесот на европска интеграција на Македонија, особено од аспект на динамиката на реализацијата на мерките од Планот 3-6-9. Притоа беа разгледани и договорени конкретни активности кои Комисијата треба да ги превземе со цел успешно реализирање на задачите кои за неа произлегуваат согласно Планот 3-6-9.