ДОНЕСЕНИ 4 РЕШЕНИЈА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 206-та седница одржана на 02 април 2018 година, донесе 4 решенија.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена Здружението за заштита на граѓанските права “Но Пасаран” Скопје, застапувано од М.С., претседател на Здружението, поднесена против Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 2 април 2018 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Здружението за заштита на граѓанските права “Но Пасаран” Скопје, застапувано од М.С., претседател на Здружението, поднесена против Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„1. Записници од подготвителната и редовната седница на РКЕ на која е донесен вашиот акт “Мислење” со деловоден број 11-1508/2 од 07.09.2013 година;
2. Записниците од подготвителната и редовната седница на РКЕ одржана на ден 11.07.2013 година;
3. Резултатите од научното истражување врз основа на кое е изготвен “Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија”, донесен на седницата на РКЕ одржана на ден 11.07.2013 година- бараме комплетен елаборат, и
4. Податоци за лицата кои го спровеле научното истражување од точката 3) од ова Барање, и тоа:
а) назив на правното лице и/или презиме и име на физичките лица кои го спровеле научното истражување;
б) за физичките лица-вид и степен на образование, како и други податоци за нивната стручност во текот на научното истражување, и
в) податоци за професионален ангажман на физичките лица:
– назив на институциите во кои биле професионално вработени,
– работните задачи кои ги извршувале и
– должина на работниот стаж.
Податоците за физичките лица се однесуваат само за периодот во текот на научното истражување.“, СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-125 на 13.03.2018 година, изјавена од Здружението за заштита на граѓанските права “Но Пасаран” Скопје, застапувано М.С. од претседател на Здружението, поднесена против Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Здружението за заштита на граѓанските права “Но Пасаран” Скопје на 12.01.2018 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, со кое побарало по пошта да му се достават информациите:
„1. Записници од подготвителната и редовната седница на РКЕ на која е донесен вашиот акт “Мислење” со деловоден број 11-1508/2 од 07.09.2013 година;
2. Записниците од подготвителната и редовната седница на РКЕ одржана на ден 11.07.2013 година;
3. Резултатите од научното истражување врз основа на кое е изготвен “Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија”, донесен на седницата на РКЕ одржана на ден 11.07.2013 година- бараме комплетен елаборат, и
4. Податоци за лицата кои го спровеле научното истражување од точката 3) од ова Барање, и тоа:
а) назив на правното лице и/или презиме и име на физичките лица кои го спровеле научното истражување;
б) за физичките лица-вид и степен на образование, како и други податоци за нивната стручност во текот на научното истражување, и
в) податоци за професионален ангажман на физичките лица:
– назив на институциите во кои биле професионално вработени,
– работните задачи кои ги извршувале и
– должина на работниот стаж.
Податоците за физичките лица се однесуваат само за периодот во текот на научното истражување.
Бараните информации од точките 1, 2, 3 и 4 да се достават во форма на засебен службен акт со соодветен деловоден број, име, презиме и потпис на овластеното службено лице и службен печат на РЕК, со приложена барана документација.”
На 23.01.2018 година, Здружението за заштита на граѓанските права “Но Пасаран” Скопје поднело Дополна на Барањето за пристап до информации од јавен карактер поднесено на 12.01.2018 година до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија. Со наведениот допис, Здружението ја прецизира формата во која бара да му се достават информациите, односно информациите од точките 1, 2 и 3 ги бара во форма на препис, а за информациите од точката 4 бара да се изготви засебен службен акт со соодветен деловоден број, име, презиме и потпис на овластеното службено лице и службен печат на РЕК, со приложена барана документација.
Постапувајќи по Барањата, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија до барателот доставила Одговор бр.11-83/3 од 06.02.2018 година. Во Одговорот Регулаторната комисија за енергетика наведува дека не располага со информациите од точките 1, 3 и 4 од Барањето и во прилог ги доставила записниците од точката 2 од Барањето, во фотокопија.
Незадоволно од наведениот Одговор, Здружението за заштита на граѓанските права “Но Пасаран” Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.08-125 од 14.03.2018 година, ја препрати Жалбата до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и побара во рок од 7 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија не одговори на дописот на Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија не постапила согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, “Ако барањето се однесува на информација со која не располага имателот или ако бараната информација веќе е објавена во согласност со членовите 18 и 23 од овој закон, имателот на информацијата со заклучок ќе ја прекине постапката.” Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, наместо да постапи согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и да донесе Заклучок за прекинување на постапката за информациите од точките 1, 3 и 4 од Барањето, го известила Здружението со Одговор дека не располага со бараните информации.
Исто така, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија не постапила согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и информацијата од точката 2 од Барањето, не ја дала во бараната форма, а тоа е препис. Согласно член 21 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “Имателот на информацијата ја дава во бараната форма, освен ако бараната информација веќе постои во однапред пропишана форма и е достапна за јавноста и ако е поповолно информацијата да се достави во поинаква форма од бараната, за што имателот на информацијата ја образложува причината за ваквиот начин на доставување.” Согласно наведениот член, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија била должна да ја достави информацијата од точката 2 од Барањето во форма на препис, а не во фотокопија.
При повторното постапување по предметот, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија е должна да постапи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и укажувањата на Комисијата.
Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, застапувано од Х.Ј., извршен директор во Здружението, поднесена против Министерството за финансии, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/15 и 55/2016), на седницата одржана на 2 април 2018 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, застапувано од Х.Ј., извршен директор во Здружението, поднесена против Министерството за финансии, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер,
“2.Колку средства прибрани од наплатата на акцизи за пиво Министерството за финансии префрлило на соодветната сметка на Министерството за здравство во рамки на трезорската сметка во 2016 година? (Напомена: завршната сметка на буџетот на РМ не го содржи аналитичкиот приказ на одделните приходи во рамки на генеричкото конто акцизи, затоа повикувањето на Завршната сметка нема да се смета за одговор на ова барање)
3.Колку средства прибрани од наплата на акцизи за етил алкохол/чист алкохол Министерството за финансии префрлило на соодветната сметка на Министерството за здравство во рамки на трезорската сметка во 2016 година? (Напомена: завршната сметка на буџетот на РМ не го содржи аналитичкиот приказ на одделните приходи во рамки на генеричкото конто акцизи, затоа повикувањето на Завршната сметка нема да се смета за одговор на ова барање) и
4.Колку средства прибрани од наплата на акцизи за цигари Министерството за финансии префрлило на соодветната сметка на Министерството за здравство во рамки на трезорската сметка во 2016 година? (Напомена: завршната сметка на буџетот на РМ не го содржи аналитичкиот приказ на одделните приходи во рамки на генеричкото конто акцизи, затоа повикувањето на Завршната сметка нема да се смета за одговор на ова барање)” СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството за финансии на барателот да му ги достави бараните информации, под реден број 2, 3 и 4 од Барањето, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-130 од 20.03.2018 година, изјавена од Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, застапувано од Х.Ј., извршен директор во Здружението, поднесена против Министерството за финансии, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и ГО ЗАДОЛЖИ Министерството за финансии на барателот да му ги достави бараните информации, под реден број 2, 3 и 4 од Барањето, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, заведена во Комисијата под бр.08-130 на 20.03.2018 година, Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје на 01.11.2017 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за финансии, заведено во Здружението под бр.03-688 од 31.10.2017 година. Со Барањето, Здружението побарало во фотокопија, по пошта и по е-маил да му се достават информациите во врска со 15 прашања.
Постапувајќи по Барањето, Министерството за финансии на 04.12.2017 година, доставило одговор до Здружението, како што се наведува во Жалбата за 12 од вкупно 15 прашања. За прашањата под реден број 2, 3 и 4 Здружението не добило одговор од Министерството. Прашањата под реден број 2, 3 и 4 од Барањето гласат:
“2.Колку средства прибрани од наплатата на акцизи за пиво Министерството за финансии префрлило на соодветната сметка на Министерството за здравство во рамки на трезорската сметка во 2016 година? (Напомена: завршната сметка на буџетот на РМ не го содржи аналитичкиот приказ на одделните приходи во рамки на генеричкото конто акцизи, затоа повикувањето на Завршната сметка нема да се смета за одговор на ова барање)
3.Колку средства прибрани од наплата на акцизи за етил алкохол/чист алкохол Министерството за финансии префрлило на соодветната сметка на Министерството за здравство во рамки на трезорската сметка во 2016 година? (Напомена: завршната сметка на буџетот на РМ не го содржи аналитичкиот приказ на одделните приходи во рамки на генеричкото конто акцизи, затоа повикувањето на Завршната сметка нема да се смета за одговор на ова барање) и
4.Колку средства прибрани од наплата на акцизи за цигари Министерството за финансии префрлило на соодветната сметка на Министерството за здравство во рамки на трезорската сметка во 2016 година? (Напомена: завршната сметка на буџетот на РМ не го содржи аналитичкиот приказ на одделните приходи во рамки на генеричкото конто акцизи, затоа повикувањето на Завршната сметка нема да се смета за одговор на ова барање)”
На 23.02.2018 година Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје поднело Ургенција до Министерството за финансии, со барање Министерството да одговори на трите прашања.
Министерството за финансии со допис бр.03-1493/2 од 16.03.2018 година. доставило до Здружението Одговор на ургенција, во која наведува дека со допис од 04.12.2017 година, Министерството за финансии ги доставило бараните податоци по сите 15 прашања.
Незадоволно поради нецелосно добиениот одговор, Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, на 20.03.2018 година поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.08-130 од 21.03.2018 година ја препрати Жалбата до Министерството за финансии и побара во рок од 7 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 27.03.2018 година, Министерството за финансии до Комисијата достави Одговор на жалба бр.03/2201/2, заведен во Комисијата под бр.08-130. Во Одговорот на жалба, Министерството за финансии наведува дека Жалбата е неоснована во целост, затоа што Министерството ги доставило бараните податоци на 04.12.2017 година. Во прилог на Одговорот на жалба, Министерството за финансии го достави во фотокопија Одговорот на барањето и доказот за извршена уредна достава на истиот до Здружението.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Министерството за финансии не одговорило на Барањето во целост, односно не одговорило на Барањето од точка 2, 3 и 4.
Имено, во Одговорот на барањето Министерството за финансии во табела ги прикажало паричните износи по бараните основи, во три колони “Приходно конто”, “Приход на Буџетот на РМ за 2016” и “Приход на Министерство за здравство за 2016”. Во колоната “Приход на Министерство за здравство за 2016” се наведени три различни износи од три различни приходни конта. Притоа, во колоната на “Приходно конто” наведени се само нумерички шифри “714273”, “714270”, “714271”, без називот на класификацијатa. Од вака поставената табела, без објаснување, односно без назив на класификацијата, не може да се утврди кој износ се однесува на акцизата за пиво, акцизата за етил алкохол или акцизата за цигари, односно не може да се утврди кој износ е одговор на прашањата под реден број 2, 3 и 4 од Барањето.
Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека Министерството за финансии не постапило согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и не ги доставило сите информации до барателот, на начин и во форма наведени во Барањето.
Со оглед на наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Е.М., адвокат од Скопје, поднесена против Решение на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 02 април 2018 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Е.М., адвокат од Скопје, поднесена против Решението на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите А.бр.44/18-3 од 28.02.2018 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„-Во која постапка и согласно кој закон ја имате ангажирано ЕОС Консултинг Акционерско друштво РИМ, Италија, странска подружница во РМ ЕОС Консултинг Скопје?
-За колку вештачења имате издадено наредби кон подружницата?
-Колку активни договори имате со подружницата во моментот и на кои износи е секој договор поединечно?
-Колку средства се исплатени кон подружницата во периодот од вашето формирање до 01.02.2018 година“, СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.
Решението на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите А.бр.44/18-3 од 28.02.2018 година СЕ ПОНИШТУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-135 на 21.03.2018 година, изјавена од Е.М., адвокат од Скопје, поднесена против Решението на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите А.бр.44/18-3 од 28.02.2018 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган. Решението на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите А.бр.44/18-3 од 28.02.2018 година ГО ПОНИШТИ.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Е.М., адвокат од Скопје на 02.02.2018 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, заведено во Обвинителството под А.бр.44/18. Со Барањето побарал, преку е-маил, да му се достави фотокопија или електронски запис од следните информации:
„-Во која постапка и согласно кој закон ја имате ангажирано ЕОС Консултинг Акционерско друштво РИМ, Италија, странска подружница во РМ ЕОС Консултинг Скопје?
-За колку вештачења имате издадено наредби кон подружницата?
-Колку активни договори имате со подружницата во моментот и на кои износи е секој договор поединечно?
-Колку средства се исплатени кон подружницата во периодот од вашето формирање до 01.02.2018 година“.
Постапувајќи по наведеното Барање, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до Е.М., адвокат од Скопје, доставило Решение А.бр.44/18-3 од 28.02.2018 година, со кое го одбило пристапот до бараните информации. Во Образложението на Решението се наведува дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите „…утврди дека бараната информација претставува информација од чл.6 став 1 т.5 од Законот за слободен пристап до информации, односно се информации стекнати, составени за истрага, односно кривична постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката. Имено врз основа на член 5 став 1 во врска со член 2 став 1 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е овластено да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење…Врз основа на законските одредби, во ова Јавно обвинителство во тек се истражни постапки…во кои потребно е утврдување на важни факти врз основа на наоди и мислења од лица кои располагаат со потребно стручно знаење, а согласно чл.236 ст.7 од ЗКП…Согласно горецитираните законски одредби, во текот на истражните постапки, Јавниот обвинител може согласно одредбите од чл.295 ст.1 алинеа 5 од Законот за кривична постапка да ги презема истражните дејствија за определување на вештачења. Наредбите кон ангажираните експерти за изготвување на наод и мислење – вештачење, согласно чл.236 ст.7 од ЗКП, се донесени од страна на Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па доколку барателот на информацијата е овластен од страна на обвинетиот како бранител во постапката или полномошник во конкретен истражен предмет, истиот има право на увид во списите и има право да биде запознаен со сите докази…“.
Незадоволен од добиеното Решение, Е.М., адвокат од Скопје поднесе Жалба до Комисијата. Во Жалбата, меѓу другото, е наведено дека „…не е точно дека станува збор за информации кои се стекнати/составени за истрага односно кривична постапка…информациите кои се бараат се однесуваат на општи/збирни статистички податоци од кои не може да се идентификуваат конкретни предмети во истражните постапки…барателот ова Барање не го поднел во својство на бранител на обвинет за конкретен предмет во кривична постапка, туку како граѓанин на Република Македонија…“.
Комисијата, со допис бр.08-135 од 21.03.2018 година, ја препрати Жалбата до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и побара во рок од 7 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 28.03.2018 година, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до Комисијата достави допис насловен „Доставување на мислење и предмет А бр.44/18 со сите списи“, заведен во Обвинителството под А бр.44/18-6 на 27.03.2018, а во Комисијата под бр.08-135. Во дописот, меѓу другото, е наведено дека „… Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, на својата Веб страница spi@jonsk.mk ја објави листата на информации од јавен карактер, како што се општи информации за ова обвинителство, организација и надлежности…како и статистички податоци…Со оглед на тоа што ова обвинителство, во законски предвидениот рок донесе Решение…и уредно му го достави на барателот, остануваме во целост кон донесеното Решение бр.44/18 од 28.02.2018 година…“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не постапило согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
При постапување по Барање за пристап до информации, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е должно да постапува согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој е lex specialis во областа на пристапот до информациите од јавен карактер.
Комисијата му укажува на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите дека во конкретниов случај, пред да донесе Решение со кое го одбива пристапот до бараните информации, е должно со сигурност да утврди дали истите претставуваат исклучоци од слободниот пристап до информации, или станува збор за информации наведени во член 10 став 1 и став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во таа смисла, ова Обвинителство е должно да постапи и согласно член 9 од истиот Закон, односно редовно да ја води и да ја ажурира листата на информации со кои располага и да ги објавува на начин достапен за јавноста, од причина што листата на информации не е конечна и треба континуирано да се надополнува.
Потоа, доколку Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите смета дека бараната информација претставува исклучок од слободниот пристап до информации согласно член 6 став 1 точка 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, пред да го одбие пристапот е должно да го спроведе Тестот на штетност, како задолжителна постапка која ја спроведува имателот на информацијата, со која ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата, согласно член 6 став 3 од истиот Закон. Спроведениот Тест на штетност се наведува во образложението на Решението за одбивање на пристапот до бараната информација.
Исто така, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите треба да има предвид дека, за да побара пристап до информациите кои ги создава, или располага Обвинителството, барателот не мора да е „…овластен од страна на обвинетиот како бранител во постапката или полномошник во конкретен истражен предмет…“, како што е наведено во оспореното Решение и во произнесувањето по Жалбата. Согласно член 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „барател на информација е секое правно и физичко лице без дискриминација по која било основа, на начин и под услови утврдени со овој и друг закон“.
При повторното постапување по предметот, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е должно да постапи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и укажувањата на Комисијата.
Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија Скопје, застапувано од М.З., генерален секретар на Здружението, поднесена против Министерството за здравство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), а во врска со член 111 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2015), на седницата одржана на 2 април 2018 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

1. Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија Скопје, застапувано од М.З., генерален секретар на Здружението, поднесена против Министерството за здравство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„-Решение за плаќање на надоместок на плата за одвоен живот од семејството на државен секретар на Министерството за здравство, Д-р В.М. со пропратната документација која била земена предвид при одлучувањето;
-Актот со кој се регулира надоместокот за патни трошоци на државниот секретар на Министерството за здравство Д-р В.М.;
-Актот со кој се обезбедува користење на службено возило од страна на актуелниот државен секретар за патување од местото на живеење до работното место.“, СЕ УВАЖУВА.
2. СЕ НАЛОЖУВА Министерството за здравство, да постапи по Барањето на барателот Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија Скопје, согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
3. Имателот на информации, Министерството за здравство, е должен да постапи по ова Решение во рок од 7 дена по приемот на истото.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-137 од 26.03.2018 година, изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија Скопје, застапувано од М.З., генерален секретар на Здружението, поднесена против Министерството за здравство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ И МУ НАЛОЖИ на првостепениот орган да постапи по Барањето на барателот, согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имајќи го во предвид член 20 од Законот, во рок од 7 дена од денот на приемот на Решението.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија Скопје, на ден 16.02.2018 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за здравство, со кое побарало по е-маил да му се достават во форма на електронски запис следните информации:
„-Решение за плаќање на надоместок на плата за одвоен живот од семејството на државен секретар на Министерството за здравство, Д-р В.М. со пропратната документација која била земена предвид при одлучувањето;
-Актот со кој се регулира надоместокот за патни трошоци на државниот секретар на Министерството за здравство Д-р В.М.;
-Актот со кој се обезбедува користење на службено возило од страна на актуелниот државен секретар за патување од местото на живеење до работното место.”
Министерството за здравство, како што е наведено во Жалбата, на ова Барање не одговорилo во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Министерството за здравство не постапилo согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно не донелo управен акт согласно горенаведениот Закон.
Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.