ДОНЕСЕНИ 2 РЕШЕНИЈА И 2 ЗАКЛУЧОКА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 192-та седница одржана на 29 ноември 2017 година, донесе 2 решенија и 2 заклучока.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Ј.В. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Ј., адвокат од Скопје, против Решението на Општината Кисела Вода, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Ј.В. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Ј., адвокат од Скопје, против Решението на Општината Кисела Вода, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер: “Правосилно и извршно Решение Уп.бр.08-364 од 21.11.2013 година.”, СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Општината Кисела Вода на барателот да му ја достави бараната информација со бришење на личните податоци во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето.

Решението бр.08-6330/3 од 10.10.2017 година на Општина Кисела Вода СЕ ПОНИШТУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-692 од 20.11.2017 година, изјавена од Ј.В. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Ј., адвокат од Скопје, против Решението на Општината Кисела Вода бр.08-6330/3 од 10.10.2017 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и ЈА ЗАДОЛЖИ Општината Кисела Вода на барателот да му ја достави бараната информација со бришење на личните податоци во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето.

Решението бр.08-6330/3 од 10.10.2017 година на Општина Кисела Вода ГО ПОНИШТИ.

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:

Како што се наведува во Жалбата, Ј.В. од Скопје преку полномошник В.Ј., адвокат од Скопје, на 15.09.2017 година по пошта поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Општина Кисела Вода. Со Барањето, побарал по пошта да му се достави фотокопија од следната информација:

“Правосилно и извршно Решение Уп.бр.08-364 од 21.11.2013 година.”

Постапувајќи по Барањето за пристап до информации од јавен карактер, Општината Кисела Вода донела Решение бр.08-6330/3 од 10.10.2017 година со кое се одбива Барањето од Ј.В. од Скопје поднесено преку полномошник В.Ј., адвокат од Скопје, согласно член 6, став 1, точка 2 и точка 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Незадоволен од донесеното Решение, Ј.В. од Скопје, преку полномошник адвокат В.Ј. од Скопје, во законски предвидениот рок, преку Општина Кисела Вода поднесе Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Општината Кисела Вода на 20.11.2017 година, ја достави Жалбата изјавена од Ј.В. од Скопје, преку полномошник адвокат В.Ј. од Скопје до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.  Во прилог на Жалбата, Општината Кисела Вода достави Произнесување по доставена жалба, копија од правосилното Решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, заведено под бр.08-364 од 21.11.2013 година и списите во врска со предметот.

Во Произнесувањето по доставената жалба, заведено под бр.08-6330/3 од 17.11.2017 година, Општината Кисела Вода во целост останува на наводите во донесеното Решение за одбивање на Барањето за пристап до информации од јавен карактер, заведено под бр.08-6330/3 од 10.10.2017 година.

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Општината Кисела Вода не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од списите во предметот Комисијата констатира дека со бараната информација- “Правосилно и извршно Решение Уп.бр.08-364 од 21.11.2013 година” се утврдува правниот статус на бесправните објекти-станбена куќа и гаража со намена на зградите А1, кои се наоѓаат на КП 3776 на ул.Првомајска 4 бр.9, а како носител на правото на сопственост е утврдено лицето П.В. од Скопје. На 15.01.2014 година, Градоначалникот на Општина Кисела Вода донел Заклучок за исправка на грешка во Решението за утврдување на правен статус на бесправен објект, заведен под УП.БР.08-346. Бараната информација е информација од јавен карактер, затоа што е информација која ја создала Општината Кисела Вода, во врска со нејзиното работење и со нејзе располага.

Во образложението на Решението за одбивање на пристапот, со бр.08-6330/3 од 10.10.2017 година, Општината Кисела Вода наведува дека “… од страна на лицето Ј.В. била поднесена жалбена постапка за укинување по право на надзор на Решението за утврдување на правен статус на бесправен објект заведено под уп.бр.08-346 од 21.11.2013 година и истата била окончана од страна на Вишиот управен суд со донесување на Пресуда заверена под број УЖ-1бр.851/2016 од 20.04.2017 година со одбивање на тужбената постапка против Пресудата на Управен суд на Република Македонија заведена под У-3.бр.392/2014 од 10.07.2015 година и потврдување на истата и со тоа завршила жалбената постапка против Решението за утврдување на правен статус на бесправен објект Уп.бр.08-346 од 21.11.2013 година.”

Од наведеното, Комисијата констатира дека Решението Уп.бр.08-346 од 21.11.2013 година е правосилно и извршно.

Понатаму, во Образложението на Решението за одбивање на пристапот, со бр.08-6330/3 од 10.10.2017 година, Општината Кисела Вода наведува дека “Органот по спроведената постапка-Тест на штетност констатира дека со давањето на бараната информација ќе настанат повреди на заштитата на личните податоци во однос на утврдувањето на правниот статус на бесправните објекти и утврдувањето на носителот на правото на сопственост на истите, посебно земајќи го во предвид фактот дека донесеното Решение за утврдување на правен статус на бесправен објект Уп.бр.08-346 од 21.11.2013 година е составен дел на управната постапка која се води во Секторот за урбанизам и просторно планирање на Општина Кисела Вода и постапка по истото решение сеуште е во тек односно не е завршена, видно од доставеното полномошно од 03.07.2017 година за поведување постапка за утврдување право на сопственост на имот-куќа која се наоѓа на предметната КП 3776 КО Кисела Вода 1 пред надлежен суд и доколку бараната информација се даде ќе настане значителна штета за целата постапка, за Органот кој ја води постапката како и за странките во постапката.”

Во врска со ова, Комисијата укажува дека од даденото Полномошно не може да се констатира дека управната постапка по горенаведениот предмет не е завршена, од причина што со Полномошното, Адвокатот В.Ј. е ополномоштена за превземање дејствија и поведување постапки во иднина, кои се уште не се започнати и се претпоствени, односно со сигурност не може да се утврди дали и кои постапки ќе бидат поведени и кога. Со донесување на Решение за утврдување на правен статус на бесправен објект кое е правосилно и извршно е завршена постапката во фазата – утврдување на правниот статус на конкретен објект. Наведеното Решение на Општина Кисела Вода со бр.08-364 од 21.11.2013 година е конечен документ и не е исклучок од слободниот пристап до информации од јавен карактер.

Што се однесува до образложението за спроведениот тест на штетност “…дека со давањето на бараната информација ќе настанат повреди на заштитата на личните податоци во однос на утврдувањето на правниот статус на бесправните објекти и утврдувањето на носителот на правото на сопственост на истите..” Комисијата укажува дека утврдувањето на правниот статус на бесправните објекти и утврдувањето на носителот на правото на сопственост на истите не е заштитен личен податок.

Бараната информација- “Правосилно и извршно Решение Уп.бр.08-364 од 21.11.2013 година” содржи лични податоци за подносителот на Барњето за утврдување на правен статус на бесправен објект, П.В., и тоа матичниот број на граѓанинот и адресата на живеење. Тоа се лични податоци чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци и согласно член 6 став 1 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се исклучок од слободниот пристап до информации.

Во овој случај, Општината Кисела Вода е должна да постапи согласно членот 7 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер кој гласи: “Ако документот или негов дел содржи информации од членот 6 став 1 на овој закон што можат да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, имателот на информации ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот документ.” Со прикривање на наведените лични податоци, Општината Кисела Вода е должна на барателот да му овозможи да се запознае со останатиот дел од документот, односно да му овозможи делумен пристап до бараната информација.

Со оглед на наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.

Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од И.Б., претседател на Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи, поднесена против Центарот за управување со кризи, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), а во врска со член 111 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2015), на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

  1. Жалбата изјавена од И.Б., претседател на Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи, поднесена против Центарот за управување со кризи, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер: „Документи од месеците Мај и Јуни, конкретно на:
  2. Комисиски записници за потрошени средства од картичката на в.д. директор (за угостителски и други услуги)
  3. Извештај/извод од картичката на в.д. директорот.
  4. Договор за дело за “кабинетот” (за личности: Ф.С., М.А. и возачот С.Х.).
  5. Податоци за потрошено гориво и помината километража за возила користени од “кабинет на ЦУК” за црниот џип “паџеро”, за сребреното “пежо” и бел нов џип “сангјанг”, а ако двата се користени и за двата.
  6. Патни налози за користење службени возила користени од “кабинетот на ЦУК” за црниот џип “паџеро”, за сребреното “пежо” и бел нов џип “сангјанг”, а ако двата се користени и за двата.

и Документи-Процедури во ЦУК:

  1. Процедура за плаќање угостителски услуги за ЦУК.
  2. Процедура за користење службено возило (во РМ и во странство).
  3. Процедура/ри за отварање и ажурирање на “Феисбук” страницата на ЦУК, “Твитер страницата на ЦУК и (ако има) за слични страници на ЦУК, познати како “Социјални медиуми на интернет.””, СЕ УВАЖУВА.
  4. СЕ НАЛОЖУВА Центарот за управување со кризи да постапи по Барањето на барателот И.Б., претседател на Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи, согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
  5. Имателот на информации, Центарот за управување со кризи е должен да постапи по ова Решение во рок од 7 дена по приемот на истото.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-696 од 27.11.2017 година, изјавена од И.Б., претседател на Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи, поднесена против Центарот за управување со кризи, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ И МУ НАЛОЖИ на првостепениот орган да постапи по Барањето на барателот, согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имајќи го во предвид член 20 од Законот, во рок од 7 дена од денот на приемот на Решението.

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:

Како што се наведува во Жалбата, И.Б., претседател на Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи, на ден 19.10.2017 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Центарот за управување со кризи, со кое побарал по е-маил и по службена пошта (на место каде работи) да му се достави фотокопија и електронски запис-скенирани документи од следните информации:

„Документи од месеците Мај и Јуни, конкретно на:

  1. Комисиски записници за потрошени средства од картичката на в.д. директор (за угостителски и други услуги)
  2. Извештај/извод од картичката на в.д. директорот.
  3. Договор за дело за “кабинетот” (за личности: Ф.С., М.А. и возачот С.Х.).
  4. Податоци за потрошено гориво и помината километража за возила користени од “кабинет на ЦУК” за црниот џип “паџеро”, за сребреното “пежо” и бел нов џип “сангјанг”, а ако двата се користени и за двата.
  5. Патни налози за користење службени возила користени од “кабинетот на ЦУК” за црниот џип “паџеро”, за сребреното “пежо” и бел нов џип “сангјанг”, а ако двата се користени и за двата.

и Документи-Процедури во ЦУК:

  1. Процедура за плаќање угостителски услуги за ЦУК.
  2. Процедура за користење службено возило (во РМ и во странство).
  3. Процедура/ри за отварање и ажурирање на “Феисбук” страницата на ЦУК, “Твитер страницата на ЦУК и (ако има) за слични страници на ЦУК, познати како “Социјални медиуми на интернет.””

Центарот за управување со кризи, како што е наведено во Жалбата, на ова Барање не одговорил во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Центарот за управување со кризи не постапил согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, не ги доставил бараните информации до барателот, на начин и во форма наведени во Барањето, и не донел управен акт согласно горенаведениот Закон.

Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.

Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Барањето за пристап до информации од јавен карактер поднесено од А.К. од Куманово, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,  („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), а во врска со член 26 став 2 од наведениот Закон, на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, го донесе следниот

З А К Л У Ч О К

          Постапката по Барањето за пристап до информации од јавен карактер, заведено во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер под бр.08-33 на 23.11.2017 година, поднесено од А.К. од Куманово кое гласи:

„Потврда на второстепената Комисија дека имателите Управа за јавни приходи (согласно Закон за управата за јавни приходи од Сл. в. на Р.М. бр.81/05, 81/08, 105/09, 145/10, 39/12, со бр.43/14…) и Министерството за информатичко општество и администрација (согласно Закон за организација и работа на органите на државната управа од Сл. в. на Р.М. бр.58/00, 44/02, 82/08, 167/10, 51/11…) останале да молчат по поднесок-мое барање за кое не била изјавена жалба кај адресираниот“, СЕ ПРЕКИНУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

А.К. од Куманово до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер поднесе Барање за пристап до информации од јавен карактер заведено под бр.08-33 на 23.11.2017 година, со кое бара по е-маил да му се достави електронски запис од следната информација:

„Потврда на второстепената Комисија дека имателите Управа за јавни приходи (согласно Закон за управата за јавни приходи од Сл. в. на Р.М. бр.81/05, 81/08, 105/09, 145/10, 39/12, со бр.43/14…) и Министерството за информатичко општество и администрација (согласно Закон за организација и работа на органите на државната управа од Сл. в. на Р.М. бр.58/00, 44/02, 82/08, 167/10, 51/11…) останале да молчат по поднесок-мое барање за кое не била изјавена жалба кај адресираниот“.

          По разгледувањето на Барањето, Комисијата утврди дека не располага со бараната информација.

Поради наведеното, а согласно член 26 став 2 од   Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,  Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок, односно ја прекина постапката по Барањето.

ПРАВНА ПОУКА: Против овој Заклучок може да се поднесе Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во рок од 15 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од А.П. од с. Ума, Гевгелија, поднесена против Министерството за внатрешни работи – Полициска станица Гевгелија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од А.П. од с. Ума, Гевгелија, поднесена против Министерството за внатрешни работи – Полициска станица Гевгелија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:

„Фото копија на сработеното од КРИМ полиција по мојата ПРИЈАВА за криминал од 17.10.09.г. по предметот Малв. П бр.78/09.г. и К-168/16.г.“, поради тоа што барателот добил одговор на Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр. 08-561 на 15.09.2017 година, изјавена од А.П. од с. Ума, Гевгелија, поднесена против Министерството за внатрешни работи – Полициска станица Гевгелија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:

Како што се наведува во Жалбата, А.П. на 25.07.2017 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Полициска станица во Гевгелија, примено во Полициската станица на 27.07.2017 година, со кое побарал пристап до следната информација:

„Фото копија на сработеното од КРИМ полиција по мојата ПРИЈАВА за криминал од 17.10.09.г. по предметот Малв. П бр.78/09.г. и К-168/16.г.“.

Министерството за внатрешни работи – Полициска станица Гевгелија, како што е наведено во Жалбата, на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.

Комисијата, со допис бр.08-561 од 21.09.2017 година, ја препрати Жалбата до Министерството за внатрешни работи – Полициска станица Гевгелија и побара во рок од 7 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.

На 06.10.2017 година, Министерството за внатрешни работи – НК за КР Гевгелија до Комисијата достави Известување бр. 2353/3 од 04.10.2017 година, во кое наведува: „…Согласно Законот за класифицирани информации и член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се обративме до ОЗР Струмица за мислење и насоки за постапување по истото…“.

На 03.11.2017 година, преку е-маил Министерството за внатрешни работи до Комисијата достави скенирано Решение за одбивање на пристап до бараната информација рег.бр.16.1.2-1879 од 02.11.2017 година насловено до А.П. од с.Ума, Гевгелија.

На 06.11.2017 година, преку е-маил Министерството за внатрешни работи до Комисијата достави скенирана повратница, на која е видно дека барателот го примил наведеното Решение на 06.11.2017 година.

Барателот А.П. од с.Ума, Гевгелија не поднесе Жалба против наведеното Решение во рок од 15 дена од денот на неговото доставување.

Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека Министерството за внатрешни работи постапило по Барањето, но со задоцнување. Комисијата констатира дека во конкретниот случај имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на Барањето.

Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.

Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.

ПРАВНА ПОУКА: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.