Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер на крајот од месец јуни подготви краток анкетен прашалник со цел да прибере изворни и веродостојни податоци за имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од почетокот на 2020 година, односно од започувањето со работа на Агенцијата, заклучно со 30.06.2020 година. Прашалникот по електронски пат беше дистрибуиран до службените лица на фокус група составена од 194 иматели на информации од јавен карактер, одбрани по случаен избор. Прашалникот содржеше 13 прашања од кои две се општи и се однесуваа на податоци за имателот на информацијата/институцијата, како и проверка на контакт податоците на службените лица за посредување со информации од јавен карактер. До 5 јули, до кога пополнетите прашалници требаше да бидат доставени на службениот мејл на Агенцијата, одговорени анкетни прашалници доставија лицата задолжени за посредување со информациите од јавен карактер на 104 иматели или на 53,6% од субјектите кои беа замолени да го изнесат своето искуство од примената на Законот во првата половина на 2020 година. Службените лица на 3 иматели согласно пропишаните мерки на Владата во врска со COVID19 ослободени од работните обврски, најавија доставување на одговорен прашалник, по враќањето на редовните работни задачи.

  • Службените лица на 102 институции опфатени со истражувањето или дури 98.07% од институциите кои доставија пополнет прашалник, се изјаснија дека се запознаени со одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2019 година, додека 2 истакнаа дека се делумно запознаени.
  • Високи 87,5% од испитаниците или конкретно службените лица од 91 институција одговорија потврдно и на прашањето „Дали се запознаени со Упатството за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, додека претставниците на 13 институции или 12,5% одговориле дека не се запознаени со содржината на овој документ.
  • Во врска со бројот на доставени/примени барања, службените лица прикажаа збирна бројка од 1093 барања по основ на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
  • Прашани за бројот на одговорените прашања, службените лица изнесоа податок за вкупно 961 позитивно одговорено барање, што преставува 87,9 % проценти од вкупниот број на добиени барања. Дополнително е образложено дека 8 од барањата се делумно одговорени, за 4 постапката е во тек, додека други 4 барања, согласно одредбите на Законот биле препратени до имателите кои ја поседуваат бараната информација.
  • Што се однесува на бројот на неoдговорени барања, испитаниците информираат за вкупно 21 неодговорено барање. Прашалниците содржат и податок, според кој, законскиот рок за одговор на 2 барања се уште не е истечен, а како причина за 1 неодговорено барање е наведена состојбата со COVID 19.
  • Анкетираните одговориле дека согласно законските одредби отфрлиле вкупно 5 барања, од кои 2 делумно.
  • Во одговорените прашалници е содржан податок за 23 одбиени барања, при што на 2 од нив барателите добиле делумен одговор.
  • На прашањето „Број на одговорени барања по истекот на законскиот рок и причини за истото“, испитанците информираат за 34 барања по кои не било постапено навреме, односно во законските рамки. Молчењето на управата  службените лица најчесто го поврзуваат и појаснуваат со отсуството на дел од нивните колеги кои располагале со податоците содржани во барањата, а кои согласно владините мерки за спречување на ширењето на COVID19, или работеле од дома или пак биле ослободени од доаѓање на работното место. Дел од барањата пак не биле согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, па требало да бидат преформулирани или повторно доставени од страна на барателите. Доцнењето во одредени случаи било предизвикано и оди на сметка на настанати технички пропусти при доставувањето на одговорите до барателите, а изостанувањето на одговорите на неколку барања во одделни органи се должело на секторска неусогласеност и доцнење во доставувањето на податоците до службените лица.
  • Службените лица известуваат дека по 30 барања од нивна страна биле донесени Решенија за одбивање на пристапот. Во еден случај било изготвено Решение за делумен пристап, додека едно донесено Решение било поништено со Решение на Агенцијата за заштита на правото на слбоден пристап до информациите од јавен карактер.
  • Тестот на штетност службените лица го спровеле при нивното постапување по 23 барања за пристап до информации од јавен карактер.
  • На прашањето: „Дали Вашата институција има потреба од обуки за примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, со „да“ одговориле службените лица на 81 институција додека лицата кои посредуваат со информациите кои ги создале или со кои располагаат 19 иматели, се изјасниле дека не им е потребна обука. Две службени лица одговориле со можеби, односно со може, но не е неопходно, а според едно службено лице имало потреба од обука, но за раководниот кадар во институциите. Во еден случај службеното лице се произнесе дека присуствувало на обука во организација на Правоматика.

СОГЛЕДУВАЊА, ЗАБЕЛЕШКИ, ПРЕПОРАКИ

  • Имајќи го во предвид бројот на анкетираните службени лица кај имателите на информации и краткиот период на примена на Законот, пристигнатите анкетни прашалници само делумно даваат слика за имплементацијата на ЗСПИЈК во првата половина од 2020 година. Она што остава простор за сериозна размисла е податокот според кој меѓу имателите кои не ги доставија бараните податоци се значителен број државни институции, но и единици на локалната самоуправа (кои по случаен избор се најдоа во фокус групата), а чија  што работа во изминати години беше предмет на интересот на граѓаните, невладините организации, истражувачките новинари и слично.  Извесно е дека со податоците за имплементацијата на Законот кај овие иматели, главните наоди од истражувањето можеби ќе беа многу поинакви од аспект на реалната слика за примената на ЗСПИЈК, а пред се за детектирање на идните чекори на Агенцијата. Добиените резултати од анкетата покажуваат дека Агенцијата треба уште попосветено да продолжи да ја прокламира и дообјаснува својата мисија и визија и значењето на ЗСПИЈК, пред се меѓу раководните лица на државните институциии и единиците на локалната самоуправа, кои и покрај делегираните надлежности за решавање на службените лица, го имаат последниот збор. Преку следењето на работата на овие органи и укажувањето на нивните пропусти дополнително би можело да се придонесе за нивна поголема отвореност и транспарентност и за воспоставување отчетен јавен сектор.
  • И овој анкетен прашалник покажува дека и во овој шестмесечен период од имплементација на новото законско решение, главната причина за недобивање на пристап до информации е „молчењето на управата“ со 34 одговорени барања, односно постапување на имателите по истекот на законски утврдениот рок. Без оглед на нецелосната статистичка слика, прикажаната бројка од 34 барања кои се соочиле со “молчење на управата“ е доволен показател дека Агенцијата и во периодот што доаѓа, треба да се фокусира на работата на отвореноста и транспарентноста кај одделни службени лица, односно иматели. Во сите прилики и меѓусебни контакти, но пред се на обуките, вработените во Агенцијата на службените лица кои не ги знаат нивните обврски, треба да им ги објаснуваат измените содржани во ЗСПИЈК со акцент  пред се на пократките рокови за постапување по барањата, дека и во случај на позитивен одговор на барањето или ако барањето делумно или целосно го одбие, за тоа ќе донесе решение, потоа за предностите на проактивната транспарентност, но и да ги информираат за прекршочините одредби предвидени во Законот.
  • Од неколку институции, во кои за постапување по барањата и имплементација на ЗСПИЈК се назначени повеќе од едно службено лице, наместо еден сублимиран и одговорен Прашалник беа доставени исто толку прашалници колку што има овластени лица за посредување со информациите од јавен карактер. Ваквата (не)координација меѓу службените лица и секторите е внатрешна работа на секоја институција, но оваа појава не смее да биде прифатена како изговор за ненавременото постапување по барањата во законски утврдените рокови!